Анализа на пресудата Олуиќ против Хрватска (Бучавата како основ за повреда на членот 8 од ЕКЧП)

Анализа на пресудата Олуиќ против Хрватска (Бучавата како основ за повреда на членот 8 од ЕКЧП)

1. Основни информации и околности на случајот

Жалителката со живеалиште во Риека, Р. Хрватска, се жалела на бучава што ја прави бар/кафуле кое било отворено во дел од куќата каде што живеела, а којшто дел бил во сопственост на друго лице. Жалителката се  обратила до Санитарната инспекција со известување дека нејзиниот стан бил постојано изложен на прекумерна бучава од барот Ф., кој работел секој ден од 7 часот наутро до полноќ.
Во октомври 2001 година, во ноќните часови, мерењето направено од страна на независни експерти повторно покажало дека бучавата од барот Ф. го надминува дозволеното ниво за 1,8 dB до 6,9 dB во зависност од точното место на мерењата. Жалителката го поканила и Санитарниот инспекторат да ја измери бучавата при што било констатирано сериозно повисоко ниво на бучава од дозволената со што на фирмата што го стопанисувала барот и било наложено да преземе конкретни мерки за намалување на истата.
Земајќи во предвид дека ситуацијата со бучавата не била подобрена, жалителката започнува повеќегодишни постапки не само пред административните органи, туку и пред Управниот и Врховниот суд.
Постапките пред надлежните органи траеле долго и биле безуспешни по што жалителката поднела апликација пред ЕСЧП. Жалителката тврдела дека таа соодветно ги исцрпила достапните правни лекови и дека сите други правни лекови би биле излишни. Дополнително таа тврдела дека нивото и континуираноста на бучава било такво што ги исполнувала критериумите за повреда која влегува во опсегот на членот 8 од Конвенцијата. Судот утврдил повреда на членот 8 бидејќи Конвенцијата има за цел да гарантира права кои се „практични и ефективни“, а не „теоретски или илузорни“.

2. Апликација до ЕСЧП за наводно прекршување на членот 8 од Конвенцијата

Жалителката се жалела дека државата не успеала да ја заштити од прекумерна бучава и да не биде вознемирувана ноќе во нејзиниот дом од бар кој работи во дел од куќата во која таа живеела. Изложеноста на апликантката и нејзиното семејство на прекумерна бучава во период од околу осум години се случувала во ноќните часови. Тоа предизвикало тешки медицински проблеми на жалителката, нејзиниот сопруг и нивната ќерка. 
Според Судот правото на почитување на домот не го вклучува само правото на фактичка физичка област, туку и на тивко уживање во оваа област во разумни граници. „Дом“, според прилично широкиот поим на Судот, е местото, односно физички дефинираната област, каде што се развива приватниот и семејниот живот. Прекршувањата на правото на почитување на домот не се ограничени на конкретни или физички прекршувања, како што е неовластен влез во домот на една личност, туку ги вклучуваат и оние кои не се конкретни или физички, како што се бучава, емисии, мириси или други форми на опструкции и дразби. Овој случај не се однесува на мешање од страна на јавните власти во правото на почитување на домот, туку нивниот наводен неуспех да преземат дејствија за да се запре прекршувањето на правото од трето лице на кое се потпира жалителот. Судот забележува дека станот на апликантот е предмет на ноќно вознемирување, што наводно ја вознемирува жалителката. Судот оттука морал да утврди дали непријатноста предизвикана од бучавата го достигнала минималното ниво на сериозност што е потребно за да претставува повреда на член 8 од Конвенцијата.

3. Резиме на пресудата на ЕСЧП

Судот утврдил дека овој случај е повеќе сличен на случајот Морено Гомез (види Moreno Gómez v. Spain, бр. 4143/02, ECHR 2004-X) што се однесуваше на бучавата од ноќните клубови. Слично на ситуацијата во Морено Гомез, и спротивно на горенаведените случаи каде што Судот утврди дека бучавата не била прекумерна, во овој случај мерењето на нивото на бучава во периодот кој опфаќа околу осум години покажа дека во ноќните часови бучавата била прекумерна. Неколку мерења извршени од независни експерти од 2001 до 2008 година утврдиле дека нивото на бучава во станот на жалителот било надвор од поставените стандарди.

Судот понатаму забележа дека:

Нивото на бучава ги надмина меѓународните стандарди поставени од Светската здравствена организација и повеќето европски земји (види го инфографикот погоре).

Медицинската документација поднесена од жалителката покажала дека нејзината ќерка страдала од оштетен слух и дека нејзината состојба барала да не е изложена на ваков вид дразба и опструкција.

Судот утврдил дека нивото на вознемирување достигнало минимално ниво на сериозност што бара од релевантните државни органи да спроведат мерки со цел да го заштитат жалителот од таква бучава (види Moreno Gómez, цитиран погоре, § 60).

Судот понатаму забележува дека апликантката го поднела своето административно барање на 25 јуни 2003 година, додека Управниот суд одлучил за тоа речиси четири години подоцна, на 24 април 2007 година. Според мислењето на Судот, таквото долго одложување го направило правниот лек користен од жалителката за неефикасен и резултирал во нејзиното продолжено страдање и ноќна изложеност на прекумерна бучава.

Националните власти дозволиле оваа ситуација да опстојува речиси осум години додека биле во тек различните постапки пред управните органи и Управниот суд, со што овие постапки биле целосно неефективни.

Во овие околности, Судот утврдил дека тужената држава не ја исполнила својата позитивна обврска да го гарантира правото на апликантката на почитување на нејзиниот дом и нејзиниот приватен живот. Според тоа, Судот утврдил дека има повреда на членот 8 од Конвенцијата и ги отфрла приговорите на Владата во однос на применливоста на членот 8 и исцрпувањето на домашните правни лекови.

4. Релевантност и значење на пресудата

Земајќи во предвид големата концентрација на популација во урбаните средини (градови), бучавоста претставува сериозен проблем кој директно влијае врз квалитетот но и здравјето на луѓето изложени на истата. Иако граѓаните имаат законски предвидени средства со кои може да си ги заштитат своите права, од аспект на праксата на ЕСЧП за оваа проблематика треба да се напомене дека членот 8 од Конвенцијата е главниот инструмент на Судот кој се користи за заштитата на животната средина и притоа е развиена значителна практика за оваа проблематика врз основа на овој член.

Првата индиректна заштита “par ricochet” на човековото право на здрава животна средина е поврзано токму со членот 8 од Конвенцијата. Според Судот правото на почитување на домот не го вклучува само правото на фактичка физичка област, туку и на тивко уживање во оваа област во разумни граници што е значајно посебно во случаите поврзани со високото ниво на бучавост која го нарушува токму овој аспект од уживањето на правото кое произлегува од овој член;

Случајот Олуиќ против Хрватска е еклатантен пример на помалку рестриктивно толкување на членот 8 од страна на судот во споредба со членот 2 (право на живот). Судот прифаќа различни извори на повреди во рамки на членот 8 притоа опфаќајки повеќе видови загадувања како на пример: загадување на воздухот, контаминирање на снабдувањето со вода, нуклеарно влијание, акумулација на отпад на јавен пат и секако бучава;

Додека членот 8 треба првенствено да го заштити поединецот од произволно мешање на јавните власти во неговиот приватен и семеен живот, тој исто така подразбира и преземање на одредени позитивни мерки но и санкционирање на пропусти на државата на соодветен начин да го уреди работењето на државната и приватната индустрија како би се спречиле или намалили штетните последици (во конкретниот случај бучавата);

5. Ефект од имплементација на наведената пресуда во Хрватска

Во 2019 година бил донесен Закон за Државен инспекторат на кого надлежност за вршење надзор му довериле осум министерства, меѓу кои и Министерството за здравство. На овој начин се централизирало вршењето инспекциски надзор, се надминала некоординацијата поради која доаѓало до отсуство на основи за вршење надзор. Ваквиот законски концепт се покажал ефективен во праксата.