Новинарска сторија: Еколошката правда и криминалот – Којотот и Брзата птица Итрица

Новинарска сторија: Еколошката правда и криминалот – Којотот и Брзата птица Итрица

Околу 110 милиони кубни метри отпадни води, според податоци на Државниот завод за статистика, годишно се испуштаат во македонските реки. За сликата да биде појасна, тоа е двојно повеќе од вкупното количество вода што ја имаат сите вештачки езера во земјава.

Колкав процент од ова количество на отпадни води е дел на индустријата?

Многу е тешко да се каже бидејќи сите големи корисници на вода кои што имаат технолошки процеси, немаат дозвола за испуштање на вода и не ги мерат соодветно испуштените отпадни води. Недостасуваат статистички податоци што се случува на теренот.

Од 2012 до 2019 година, Министерството за животна средина кое ги издава дозволите за користење и испуштање на води, издало вкупно 767-770 дозволи од кои само 87 се однесуваат на дозволи за испуштање на вода, или 12% од издадените дозволи. Тоа покажува дека нема соодветна пропорција меѓу искористената и испуштената вода.  

Во земјава често имаме прилика да сведочиме и за конкретно загадување на реките и езерата, но правдата тешко стигнува до зелената страна. Малата пракса на решавање на предмети поврзани со екологијата и загрозување на правото на здрава животна средина во земјава покажува поразителни податоци за казнување на криминалот и неправилностите. Процеси се водат пред сите судови, но резултатите заостануваат.

Земјава е потписничка на меѓународни конвенции и договори, кои ги дефинираат човековите права меѓу кои и правото на здрава животна средина, како што се Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и Архуската конвенција.

Побелените води на Брегалница се` уште чекаат разрешница

Година ипол по побелувањето на водите на Брегалница, се` уште се чека на краен епилог. Генезата на постапките за случајот кој беше актуелен во јавноста се движеше вака:

На 23 јуни 2020 година, во близина на населбата Македонка во Штип, било забележано целосно побелување на водата на реката. Миризба на поликолор дополнително ги вознемирила граѓаните. Неколку часа немало промена ниту во бојата на водата, ниту пак во миризбата која што доаѓала од реката.

Истиот ден, Крим техника од Полициската станица – Штип и Здружението на спортски риболовци „Брегалница“ од Штип земале мостри од водата и од каналот за отпадни води на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ кои биле доставени до акредитирана лабораторија во Скопје за да се утврди каква хемикалија го предизвикала загадувањето.

Законот за животната средина е основниот закон кој ја регулира заштитата на животната средина. Според Законот, загадување на животната средина е емисија на загадувачки материи и супстанции, која е резултат на човековата активност, во воздухот, водата или почвата, којашто може да биде штетна за квалитетот на животната средина, животот и здравјето на луѓето или, емисија на загадувачки материи и супстанции од којашто може да произлезе штета за имотот или која ги нарушува или влијае врз биолошката и пределската разновидност и врз другите начини на користење на животната средина. Загадувач е секое правно или физичко лице чиешто дејство, посредно или непосредно, предизвикува загадување на животната средина.

Законот за водите, меѓу другото, го регулира третманот на урбаните отпадни води. Според законските одредби, отстранување на отпадни води значи собирање, одведување, прочистување и испуштање на отпадните води од домашни и индустриски ефлуенти (отпадна вода која не потекнува од природата), како и на собраните поројни води од атмосферски врнежи во урбанизирани области. Општините се должни да ги соберат, одведат и пречистат отпадните води што произлегуваат или се создаваат на нивното подрачје, вклучувајќи го и отстранувањето на тињата.

Според начелото на висок степен на заштита, секој е должен кога презема активности или кога врши дејности да обезбеди висок степен на заштита на животната средина и на животот и здравјето на луѓето.

При истовар на хемикалијата ЛИТЕКС С 9070 во фабриката „Техникал Текстајлс“ ДООЕЛ во рамки на Технолошко-индустриската развојна зона Штип (ТИРЗ Штип), заради пукнато црево, хемикалијата истекла во каналот за атмосферска вода кој оди директно во реката.

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) утврдиле дека хемикалијата не е токсична, фирмата поседува Решение за вршење дејност од Министерството за здравство и Решение за одобрен елаборат за животна средина од Општина Штип. Според наодите, ДИЖС изрекол санкциска мерка. Посочуваат дека „Техникал Текстајл“ од Штип сè уште работела без Б-интегрирана еколошка дозвола, која ја издава општинaтa. Бидејќи фабриката „Техникал текстајлс“ д.о.о.е.л. не ги известила Министерството и ДИЖС за настанатата хаварија, правното лице е казнето со платен налог во висина од 3.000 евра во денарска противвредност. Половина од сумата е уплатена во буџетот во согласност со законскиот рок.

За да не дојде до слични хаварии во иднина, на фабриката ѝ било укажано да изгради подземен резервоар и да преземе соодветни заштитни мерки. Во зависност од резултатите од земените мостри, најавено било преземање на дополнителни мерки.

По истрагата од Основното јавно обвинителство Штип (ОЈО Штип), до Основниот суд во Штип е поднесен обвинителен предлог поради сторено кривично дело загадување на животната средина и природата.

Врз основа на наредба од Основното јавно обвинителство Штип (ОЈО Штип) биле земени мостри за лабораториски истражувања од реката. Лабораториските испитувања на земените мостри кои биле извршени од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип утврдиле дека не се регулирани зголемени концентрации на растворени јони и метали, но утврдено е значително зголемување на матноста на водата.

Зошто доцни еколошката правда?

Случајот со Брегалница е само еден од низата на еколошки проблеми кои со години чекаат решение. Најголем проблем се непрецизното законодавство кое прецизно и јасно ќе ги гарантира овие права.

Друг проблем е и човечкиот капацитет во институциите. Недостасуваат инспектори кои ќе гонат криминал поврзан со животната средина, истражители, професионалци во областа на екологијата.

Од огромно значење е и проблемот со неказнување. Личниот интерес на моќниците е пред уставно загарантираното право на граѓаните за животна средина. Најапсурден е проблемот кој укажува на тоа дека невладините организации кои поднесуваат тужби поврзани со животната средина, најчесто се борат против државните институции кои ги прекршуваат законите.