Информација за одржан координативен состанок на Платформата за еколошка правда 30.03.2021

Информација за одржан координативен состанок на Платформата за еколошка правда 30.03.2021

На 30 март 2021 година беше одржан првиот координативен состанок на Платформата за еколошка правда. Целта на состанокот беше избор на Претседател, заменик претседател и секретар на Платформата за еколошка правда.

На состанокот, програмскиот менаџер во ЦПИА, Никола Јовановски ги запозна присутните со идните активности на ЦПИА, односно ги информираше дека проектот е при самиот крај, но Платформата како продукт од овој проект ќе продолжи со нејзините активности и впрочем се очекува изготвените продукти од проектот да ја претставуваат основата на идните активности на Платформата. Дополнително присутните беа известени дека ЦПИА е во последна фаза на изработка на посебна веб страна каде ќе може да се објавуваат сите новости кои се актуелни во секторот на животна средина.

Во првиот дел од состанокот се одржа гласањето. Според чл.3 од Деловникот за работа на платформата за еколошка правда, предвидено е со истата да раководи Претседател избран со мнозинство гласови со мандат од една година, а во негово отсуство да го заменува Заменик претседателот. Притоа со мнозинство гласови како Претседател беше изгласан раководителот на центарот за стратегиски истражувања Ксенте Богоев при МАНУ, Академик Владо Камбовски, а за заменик претседател, беше изгласана заменик министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска. Ново избраниот претседател на Платформата, Академикот Камбовски за секретар на Платформата за еколошка го предложи програмскиот менаџер Јовановски кој беше едногласно прифатен.

Понатаму следеа поздравни обраќања на Академик Камбовски и заменик министерката Оџаклиеска кои изразија голема благодарност за искажаната доверба, како и пофалби до останатите членови за активниот придонес во досегашната работа на Платформата од нејзиното формирање до денес. Притоа заменик министерката истакна дека досегашните активности во рамките на самиот проект претставуваат реален преглед на состојбата во нашата држава во областа на животната средина особено нагласувајќи ја потребата од зајакнување на капацитетите на институциите и потребите од одредени измени на некои законски решенија, како и потребата од координацијата на локално и национално ниво.

Академикот Камбовски се осврна на ГАП анализата која преставува длабинска анализа на состојбите во правото на заштита на животна средина истакнувајќи дека благодарение на таа анализа се донесе вториот документ, односно Документот за јавни политики кој ги претставува правците по кои треба да се развива еколошката правда, кој пак документ е основа за третиот и последен документ, Патоказоткој претставува конкретизација на инструментите за остварување на еколошките цели.

Вториот дел од состанокот беше посветен на дискусија за следните активности на Платформата за еколошка правда. Договорено беше во следниот период да се испратат предлог теми до ситечленови кои ќе бидат приоритет во следниот период, секако и членовите на Платформата беа охрабрени да дадат свои предлози.

Извршната директорка во Центарот за истражување и информирање за животната средина на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска ги информираше присутните дека во тек се процеси на донесување на нови закони, Закон за ловство и Законот за пасишта (под Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство) кои имаат голем број  допирни точки со Законот за заштита на животната средина (МЖСПП). Оваа информација послужи како предлог следна активност на Платформата за вклучување во тој процес со цел да не се појават конфликти при носењето на законите, истакнувајќи ја потребата од меѓу министерска координација.

На крај, беше договорено дека од следниот состанок ќе се започне со тематски дискусиина Платформата.