ОХРИДСКА ШКОЛА НА ПРИРОДНОТО ПРАВО
„ОСНОВИ НА РЕФОРМАТА НА ПРАВНИОТ СИСТЕМ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЕКОЛОШКАТА ПРАВДА“
12 октомври, 2021 година
Задоволство ни е да Ве известиме дека Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје на 12 октомври 2021 година ја одржа 6та сесија на Охридската школа на природното право, на тема: Основи на реформата на правниот систем во РСМ и Еколошката правда.
Охридската школа на природното правото овозможува развој и соработка на студенти на државните и приватните факултети но и практична обука за правилна примена на законските решенија што претставува новина и напредок во реформирањето на правото преку предавања и размена на искуства и вештини. Како и минатите години, така и оваа на настанот беа поканети студенти на постдипломски студии (втор циклус на студии) и студенти на докторски студии (трет циклус на студии) од правните, политичките и економските факултети во рамките на државните и приватните универзитети во државата.
За да го задржиме континуитетот и покрај предизвиците и ограничувањата од пандемијата, Организациониот одбор реши оваа година Школото да се одржи на хибриден начин па така, дел од учесниците присуствуваа во МАНУ а дел се настанот го следеа по електронски пат. Амбасадата на САД овозможи техничка поддршка на настанот за учесниците и студентите да имаат можност да ги следат излагањата и предавањата без потешкотии.
Настанот започна со поздравен говор на раководителот на ЦСИ МАНУ, акад. Владо Камбовски. На наше големо задоволство Школата ја отвори H.E. Г-ѓа Кејт Мари Брнз, Амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, која ја поздрави традицијата на одржување на школото и го изрази задоволството на добрата соработка меѓу МАНУ и Амбасадата на САД во Скопје.
По нејзиниот говор, свои излагања имаа и г-дин Бојан Маричиќ, министер за правда на РСМ и г-дин Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање на РСМ. Посебен придонес за Охридската школа на природно право даде и излагањето на Н.Е. г-дин Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како долгогодишни поддржувачи на реформите во правосудниот систем особено во поглед на казненото право и казненото процесно право. Првиот дел од Школата заврши со излагање на г-дин Жарко Хаџи Зафиров, Адвокат и Програмски раководител на Центарот за правни истражувања и анализи. Тој истакна, меѓудругото, дека (не)примената на законите од областа на животната средина ја роди идејата за воспоставување еколошка правда што бара постојана работа во областа на унапредување на животната средина преку сеопфатен научен и стручен пристап.
По поздравните говори и кратките излагања, Школата продолжи со вториот работен дел, за правните и економски аспекти на реформата РСМ, на кој акад. Владо Камбовски говореше за моменталните реформи во правниот систем во државата, а потоа свои излагања од економски аспект имаа и акад. Таки Фити и проф. д-р Изет Зеќири, дописен член на МАНУ, редовен професор и поранешен декан на Факултетот за бизнис и економија во при Универзитетот на ЈИЕ, кој зборуваше за Ефикасноста на управување со комуналниот отпад во Република Северна Македонија.
Третиот работен дел, беше посветен на правната и судска заштита на (правото на здрава) животна средина и беше модериран од проф. д-р Лазар Нанев, судија во Основниот суд во Кавадарци и професор на Правниот факултет, Универзитет Гоце Делчев во Штип. Тој го започна овој работен панел со свое излагање за судската заштита и имаше интересен приказ на предметите во РСМ што се однесуваат на заштитата на здрава животна средина. Потоа, предавањата продолжија со проф. д-р Гордана Лажетиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која говореше за потребата од ефикасен надзор и спроведување на еколошките политики и регулативи зајакнувајќи ја имплементацијата на меѓународните еколошки стандарди.
На големо задоволство на организациониот одбор, поканата да предава на Охридската Школа ја прифати Prof. Jim Lofton, адвокат и предавач на ДУТ и УЈИЕ. Во својата кариера, меѓудругото, тој бил помошник главен советник за Airports & Environmental Law FAA (Federal aviation Association), а како Fulbright Scholar во РСМ, тој предава владеење на правото и застапување на судење на Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот на Југоисточна Европа, започнувајќи во јануари 2021 година. Во своето интересно излагање, тој на уникат начин го пренесе стекнатото знаење и искуство, прикажувајќи ги американските искуство во справување со предизвиците на заштита на животната средина.
Работниот панел продолжи со излагање на м-р Фросина Антоновска, советник на Министерот за животна средина и просторно планирање, која се осврна на Законот за климатска акција во РСМ, за климатската акција и за преземените иницијативи на глобални и регионални нивоа. Предавањата продолжија со д-р Елена Мујоска Трпевска, научен соработник во Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, која направи приказ на анализата на институционална и правна рамка на животната средина. Работниот панел го затвори м-р Константин Битраков од Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, кој зборуваше за улогата на управното судство во случаите кога Владата и другите јавни органи (на пример, општините) не ги исполнуваат законските обврски за донесување на општи акти и плански документи.
Последниот четврт работен панел беше посветен на Практични предизвици во поглед на стратешкото застапување и имплементација на правните правила во областа на животната средина и беше модериран од д-р Елена Мујоска Трпевска. Традиционално, на Охридската школа активно учество земаат истакнати практичари од посебни области, па така оваа хибридна сесија на школата беше затворена со сеопфатно излагање на г-дин Никола Јовановски кој на умешен начин ги прикажа сите активности на Центарот за правни истражувања и анализи како организација која стана препознатлива по успешните иницијативи, посебно во областа на заштитата на правото на здрава животна средина. Една од иницијативите што заслужува посебно внимание, како што истакна Јовановски, е формирањето на Платформа за еколошка правда и значењето на заедничка одговорност, соработка и координација односно овозможување интерсекторски начин на соработка меѓу сите засегнати и заинтересирани, професионални и стручни индивидуи, организации и институции во борбата за зачувување на животната средина.
Настанот, како и претходните години, беше поддржан од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.
Во текот на настанот учествуваа експерти од научни установи, но и од практиката како дел од Платформата за еколошка правда.
Македонската верзија на агендата е достапна тука.
Англиската верзија на агендата е достапна тука.
Извештајот од одржан настан е достапен тука
Фотографиите од одржан настан