НСШП- Нестеблени шумски призводи
МАР- Медицински и ароматични ратенија
ЛАР- Лековити и ароматични растенија
Во Република Северна Македонија постои долга традиција во собирање лековити растенија, печурки, лишаи и бројни шумски плодови. Поради нејзините специфични климатски услови и географска локација од глацијалниот период таа има богата флористичка разновидност од околу 210 семејства, 920 родови и околу 3700 растителни видови од кои голем број се ендемични растенија. За околу 700 видови постојат научни податоци за нивните лековити или ароматични својства, а голем број од овие видови се користат во нашата традиционална медицина. Од 700 видови медицински и ароматични растенија во РСМ најчесто се користат околу 220 видови. Според Стратегија за биолошка разновидност и нејзиниот Акционен план за периодот 2018-2023 најчесто собирани плодови се: плод од модра смрека, мечкино грозје, шарпланински чај, жолт кантарион, диво оригано, диво нане, корен и цвет од примула, корен од валеријана, анасон, шипка, боровинка, малина, капина, бозел, црн слез, корен на бел слез, семе и корени од коприва, итн. Овде спаѓаат и неколкуте видови габи: вргањи, јајчарка, лисичарка, ежовка, рујница, црна труба, смрчки, црн морел, ѓурѓевка, ливадарка (Стратегија за биолошка разновидност и акционен план за периодот 2018-2023, 2018 година). Засегнатите и заштитени диви видови го добија формалното признание на меѓународно ниво за својата важност во 2000 година кога Организацијата за храна и земјоделство на Обединитеите нации (ФАО) ги вклучи во Програмата за процена на шумските ресурси (Forest Resource Assesstment) и од тогаш нивното економското вреднување стана поважно. Република Северна Македонија има развиено механизми во кои се обезбедува одржливо користење на природните ресурси за развој на локалната економија. Тргнувајќи од фактот дека 42% од населението во РСМ живее во рурална средина (МТСП, 2019), голем дел од нив се занимаваат како собирачи за сопствени потреби или за продажба кои за својата работа поседуваат лиценца.
Екосистемски услуги
Шумите и сродните екосистеми претставуваат важен извор на многу засегнати и заштитени диви видови растенија и габи (НДШП). Покрај тоа што собирањето е традиционална активност на населението кое живее во близина на шумите, истата значително се намали во периодот на индустријализација на РСМ, но во последниот период се забележува зголемување на трендот на собирање поради зголемениот пазар за трговија. Одржливоста при користењето на НДШП зависи од два параметри: биолошката разновидност и нивната достапност. Здравите и зачувани екосистеми имаат поголем потенцијал да продуцираат шумски плодови, печурки, лековити и ароматични растенија и пчелни производи. Изворите на НДШП имаат клучна улога во егзистенцијата на локалното население, кое пак за возврат има пресудна улога во одржливоста на ресурсите.
Собирањето и прометот со засегнати и заштитени диви видови растенија, габи и животни и нивни делови е пропишано во Законот за заштита на природата и се врши само по претходно прибавена дозвола за собирање (член 23) или дозвола/сертификат за промет (член 30), издадена од страна на Министерот за животна средина и просторно планирање. Според Законот, вкупната количина на засегнати и заштитени диви видови растенија, габи, животни и нивни делови кои се собираат за комерцијални цели треба да се утврдува врз основа на претходната проценка на состојбата на видовите и мислење од научни и стручни организации за густината на популациите на загрозените видови во природните живеалишта за секоја година. Во врска со спроведувањето на Конвенција за меѓународна трговија со загрозени дива флора и фауна, Владата на Република Северна Македонија има низа регулативи, меѓу кои Уредба за начинот и постапката за издавање на дозволата односно сертификатот за определување на граничните премини преку кои може да се врши прометот со засегнати и заштитени диви видови растенија, габи, животни и нивни делови, Уредба за начинот на постапување при промет со засегнати и заштитени диви видови растенија, габи, животни и нивни делови од страна на царинските органи, другите надлежни органи и служби на граничните премини и научните и стручните установи, како и на овластени депозитари на конфискуваните примероци при недозволен промет, Правилник за издавање на дозвола за собирање на засегнати и заштитени диви видови растенија, габи и животни и нивните делови и Листи на засегнати и заштитени диви видови растенија, габи и животни и нивни делови кои се донесени во 2012 година[1].
Лековитите растенија и бобинки се во голема побарувачка на европскиот фармацевтски пазар, а нивната регулација става континуиран притисок врз државата да го регулира правилното нивно искористување и одржување. Според анализата за користењето на дивите видови растенија и габи во Република Северна Македонија одржливата употреба на недрвни шумски производи (НДШП) е од клучно значење за зачувување на биолошката разновидност. Најголема закана е прекумерното и неконтролираното собирање на овие ресурси кои не растат во неограничени количини[2]. За пример, во Словенија каде истото така се издаваат вакви дозволи за одреден реон може да се откупува само одредена количина, која е резултат на анализите од стручни лица кои прават селекција на природните ресурси.
Управување со заштитените диви видови растенија и габи
Во Северна Македонија живеат повеќе од 22.500 видови габи, растенија и животни. Ризикот од истребување за повеќе од 1.100 од нив е проценет на глобално ниво, што резултира со 110 видови кои се наведени како загрозени на глобалната Црвена листа. Повеќе од 1.000 видови во Северна Македонија се ендемични Во Законот за заштита на природата предвидени се мерки за заштита на видовите, живеалиштата, прогласување заштитени подрачја и природни реткости, воспоставување еколошка мрежа, заштита на пределот и заштита на минерали и фосили. Покрај општите мерки за заштита на видовите и забранетите активности предвидени со Законот за заштита на природата (член 21), предвидени се и посебни мерки за заштита на видовите како што е црвената книга на загрозени видови, прогласување строго заштитени и заштитени диви видови, мерки за заштита на меѓународно заштитени видови, контрола на собирањето и прометот со засегнати и заштитени диви видови растенија, габи и животни, чување и одгледување на диви животински видови во заробеништво и нивно враќање во природата. Црвената листа содржи научни информации и анализи за состојбата и загрозеноста на видовите со цел да ги поттикне носителите на политиките да обратат посебно внимание на загрозените видови и да креираат соодветни стратегии, програми и акции за зачувување на биолошката разновидност. [3] Загрозените диви видови имаат статус на природно наследство и се категоризирани како критични загрозени или ранливи диви видови кои можат да бидат прогласени како строго заштитени или заштитени диви видови. Листите за утврдување на строго заштитени (194 видови од кои 9 видови габи, 51 растенија и 134 видови животни) и заштитени диви видови растенија, габи и животни (вкупно 820 видови од кои 75 габи, 151 растенија и 594 животни) кои се утврдени без да се утврди нивниот статус на засегнатост. За жал, слична е ситуацијата со повеќето листи во кои не се наведени критериумите според кои се регулираат строго заштитените и заштитените видови. За строго заштитените видови се пропишани забранети активности (уништување, сечење, вознемирување), а за заштитените диви видови се уште не се пропишани мерки и активности за нивна заштита и начин на користење. Заштитата на ресурсите кои се користат од природа (растенија и габи) притоа не е поставена како стратешка цел на сите инволвирани институции и претставува голем проблем, одговорноста останува неодредена, а со тоа и контролата и справувањето со сите поврзани закани за растителните ресурси е несоодветно адресирана.
Постои алармантна состојба со популацијата на заштитениот вид мечкино грозје (увин чај)[4]. Во 2005 година од МЖСПП за прв пат била донесена забрана за собирање на мечкиното грозје во траење од 5 години. По забраната од 5 години, во 2009 година е забележана најголема количина на извоз на мечкино грозје (180 t), што е за три пати повеќе од просечното годишно собрано количество во претходните години. Постојат повеќе претпоставки како објаснување за оваа појава. Првата претпоставка е дека со собирање на видот се продолжило и во наредните години, иако во сила била забраната за собирање, но мечкиното грозје се складирало и не се извезувало. Втората претпоставка е дека по овој подолг период на несобирање, популацијата од мечкино грозје се зголемила за речиси повеќе од три пати. Ова е помалку веродостојна претпоставка, бидејќи за овој краток период не е можно популацијата да се зголеми за три пати. Како што беше посочено погоре, растот на видот е бавен и неговото закрепнување не е можно за краток временски период. Можно е популацијата да се оправи за 5 години, но не и да се зголеми три пати. Третата претпоставка е дека по мораториумот како резултат на поголема заинтересираност од локалното население поради добрите пазарни цени, дошло до масовно собирање на мечкиното грозје. [5]
Со оглед на фактот дека мечкиното грозје во околните земји има статус на заштитен вид, а од друга страна пак земајќи ги во предвид извезените количини од РСМ во претходните 25 години може слободно да се каже дека видот е под закана од прекумерна експлоатација. Со цел да се зачува биолошката разновидност на државата, неопходно е да се преземат соодветни мерки за ограничување на експлоатацијата на видот на неговите природни наоѓалишта[6].
Собирање и промет со засегнати и заштитени диви видови растенија и габи
Истражувања покажале дека 60 отсто од територијата на Македонија може да ги задоволи условите на ЕУ или на конвенциите да биде прогласена за заштитени подрачја. Но интервенциите во природата ги менуваат животните, условите за размножување, со што многу лесно може да преминат во загрозени видови.
Недостатокот на податоци за засегнати и заштитени диви видови растенија и габи создава голем проблем со анализата во РСМ. Извори на информации за овие растителни ресурси се добиваат од извештаи на некои проекти, податоци од МЖСПП, ЈПНШ и Државниот завод за статистика. Главниот проблем во Државниот завод за статистика е тоа што засегнати и заштитени диви видови растенија и габи не се категоризирани ниту како такви ниту како НДШП или диви производи, туку се вклучени во земјоделството и/или поделени на различни типови производи (зеленчук, овошје, полуобработени производи итн.). Дополнително е тоа што собирањето и употребата на НДШП преку секторот шумарство е ориентиран кон дрвото како ресурс и поради тоа релативно полесно е да се пронајдат податоци за огревно или техничко дрво, а многу потешко се наоѓаат податоци за НДШП.
Собирањето е нерегулирано. Иако контролата постои како обврска и е спомената во законодавните инструменти, во пракса не се спроведува доволно. Субјектите кои што управуваат со одреден простор мора да го најдат балансот помеѓу зачувување на биолошката разновидност и поттикнување на локалната економија, а од клучно значење е добрата меѓуинституционална соработка и координација. Управувањето со растителните ресурси е поделено помеѓу две администрации (ЈП „Национални шуми“, и ЈП „Националните Паркови“), а се спроведува од страна на повеќе институции кои се уште немаат добро воспоставен систем за координација и размена на информации. Субјектите одговорни за управување со шумите (имаат законска обврска да го утврдат видот, количината, местото (локацијата), начинот и времето за собирање на одржлив начин преку посебен образец. За жал во моментов оваа обврска не се спроведува комплетно т.е. честопати образецот е непополнет од низа на причини, кои најчесто се поврзани со недостаток на човечки ресурси или финансиски средства. За таа цел, институциите е нужно да бидат фактор во примената на политиките за растителните ресурси во делот на организација, закони, процедури и засегнати страни, како и да го координираат процесот на оперативни и финансиски инвестиции, зајакнување и подобрување на професионални капацитети, попис на растителните ресурси, заштита и собирање на видови од природа, нивна преработка, трговија и контрола. Листата на засегнати и заштитени диви видови растенија и габи кои можат да бидат собрани, вклучувајќи само видови од комерцијален интерес, кои се во надлежност на МЖСПП треба дополнително да бидат усогласени со ревидираната листа на видови од страна на МЗШВ.
Собирачите се непризнаена и фрагментирана група која се соочува со бројни проблеми поради недостатокот на организирано здружување. Бројот на собирачи варира и е различен според различни извештаи, а за нив не постојат официјални регистри, листи или податоци. Конфликтните ситуации помеѓу собирачите може потенцијално да се избегнат доколку дозволите за собирање се издаваат за точно одреден простор, како на пример што се концесиите за пасиштата. Нема соодветен баланс помеѓу државата, бизнисите и собирачите во однос на заработката и вреднувањето на трудот, нормално е бизнисите кои имаат големи инвестиции да заработуваат повеќе, но сепак собирачите не се никогаш соодветно платени за производите кои ги собираат, а и не се доволно едуцирани (и опремени) за да можат да направат нешто повеќе со сировиот собран производ. Овде интересно е да се напомене дека постои разлика во цената на НДШП дадена од страна на собирачите и компаниите. Според собирачите просечната цена за 1 kg печурки на пазарот во РСМ е 115 денари, за ароматични и лековити растенија е 92 денари, за бобинки и други плодови е 73 денари и за други НДШП (шипка, мов) е 50 денари. Според компаниите, просечната цена за откуп на печурки се движи во границите помеѓу 240-300 денари, за медицински и ароматични ратенија (МАР) од 180 денари до 250 денари и бобинки и други плодови од 90 до 120 денари во зависност од видот и квалитетот на НДШП. Други активности што влијаат врз цената на НДШП се откупувањето, транспортот и пакувањето.
Во моментот Република Северна Македонија не располага со точни податоци за количините на ресурсите кои се најчесто експлоатирани и тргувани на домашниот пазар и надвор од земјава[8]. Ограничувања постојат само за загрозените и ретки видови растенија и габи, но не се достапни точни информации за контролата врз ограничувањата. Со цел обезбедување на поголема вредност на овој вреден ресурс, државата треба да ја насочи поддршката кон примарните алки, а тоа се собирачите и преработувачите. Дополнително, вкупната вредност на НДШП не е пресметана и не е вкалкулирана во БДП а би можела да има голема улога за руралното население и да допринесе во спречување на миграцијата (село – град) и во подобрувањето на локалната и националната економија.
Немањето доволно откупни пунктови блиску до локалитетите на собирање претставува исто така еден од поголемите проблеми со кои се соочува државата и секторот на НДШП. Генерално, собирачите се занимаваат само со собирањето и многу лимитирани активности во процесот на обработка на НДШП, со одредени исклучоци.
Најголемиот дел од собраните производи се продаваат, а само мал дел се користат за сопствени потреби на собирачите, како резултат на долгогодишната традиција на домашна употреба (за мармалади, сокови или за традиционална медицина, чаеви итн).
Продажбата на растителни ресурси собрани од природата главно е насочена кон извоз. Целокупните количини на растителните ресурси се извезуваат како необработени или полуобработени производи и на тој начин додадената вредност од производите кои се наменети за крајните корисници (потрошувачи) не останува во државата.
Што се однесува до MAP, билки и зачини, РСМ извезува низа производи. Постои верување дека извозната вредност на тинктури, есенцијални масла и готови билни чаеви изнесува приближно 10 милиони ЕУР на годишно ниво. Не е јасно кој дел од ова го претставуваат дивите собрани производи и кој дел се култивира. Од чаевите, три или четири типа произведени во РСМ се органски сертифицирани, а развиени се и некои производи од медицински билки, како што е охридскиот чај, е вид со географско име и познато потекло кој е регистриран во Државниот завод за индустриска сопственост; масло од кантарион, чаеви Good Nature (органски чаеви произведени во строго контролирано опкружување, сертифицирано за органско производство на безбедна храна) и Bil-ol-gel, како заштитени трговски марки произведени од фармацевтската компанија Алкалоид.
Култивацијата на лековити растенија и плодови е модерна тенденција во постојан раст во Европа и светот со цел да се задоволи потребата на фармацијата. Повеќе од 70% од ново-регистрираните лекови се од растително потекло, а се повеќе продукти се произведуваат од лековити растенија. Поради овие причини трговијата со засегнати и заштитени диви видови растенија и габи е се позастапена. Годишниот раст на трговија со лековити растенија од РСМ на светскиот пазар е 2,4% во количини, а 9% во вредност[10].
Фармацевтската индустрија користи култивирани насади, наспроти диви (како што се регионите на собирачите) за да може да одговори на задоволување на потребните количини. Култивирањето дополнително се користи за сегментирање на одредени подвидови на растенијата со одредени карактеристики со цел добивање на повреден материјал. Најчесто култивирани видови се лавандата, Италијански сламен цвет, нане, маточина, оригано и други.
Плантажирањето е добар пристап за заштита на природните месторастења и за надминување на потребите од ретки видови за кои во исто време има недостатокот на пазарот.
Глобални трендови
Обединетите нации објавуваат поради експлоатација на биодиверзитетот во природата, исчезнувањето над милион видови растенија и животни и забрзување во губењето на ендемичните видови, неопходно е да се промени начинот и свеста за производство на храна и енергија. Извештајот на ОН за биолошката разновидност истакнува дека експлоатацијата на природата од човечкиот фактор е во надолен тренд, природните услови се изменети и не можат да обезбедат чист воздух и вода и добра почва и ги наведува проекциите дека до 2050 година над 25 милиони километри нови патишта ќе бидат изградени на сметка на природата. Притоа, се забележува дека индустриското земјоделство и интензивниот риболов се исто така меѓу главните причини за истребување на видовите. Секако тука се и климатските промени предизвикани од користење на фосилните горива[11].
Зачувувањето на биолошката разновидност кај нас не може да се постигне само преку мерки и активности во заштитените подрачја. Имено, значајни делови од екосистемите кои се наоѓаат под значително човеково влијание не се опфатени со системот на заштитени подрачја (услуги поврзани со храна, лекови, вода за пиење, суровини, контрола на ерозијата, кружење на материите и сл.). Најзначаен пример претставуваат шумските и земјоделските екосистеми кои активно се стопанисуваат. Со примена на одржлив пристап во регулацијата на природните ресурси можат да се обноват еколошките процеси и функции, особено оние што обезбедуваат услуги коишто се од суштинско значење за луѓето. Поради тоа, неопходно е да се идентификуваат притисоците врз екосистемите кои обезбедуваат суштински услуги за добросостојбата на луѓето. За критичните екосистеми кои обезбедуваат важни услуги неопходно е да се преземат мерки за зачувување или ревитализирање.
Автор:
Сузана Трајковска
[1] Национална Стратегија за биолошка разновидност 2014-2018 со Акциски план; Повеќе на: https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2015/01/Nacrt-NBSAP-20.01.2015-za-MZSPP-so-tabela-2.pdf
[2] Користење на диви видови растенија и габи во Република Северна Македонија, Јануари 2020 година; Глобалниот еколошки фонд,имплементиаран од УНЕП, корисник МЖСПП, а го подготви ЦНВП Организација за поврзување на природните вредности и луѓе, подружница во Република Северна Македонија, Скопје
Разговор со м-р Анела Ставревска-Панајотова, координатор на екпертскиот тим ,се детерминираа неколку проблеми што се клучни за оваа недоволно потенцирана област во нашето општество,а важна од повеќе аспекти. За подетално во извештајот: http://www.cnvp-eu.org ›
[3] Црвена листа на габи беше предложена во 2012 година од страна на научните експерти во која се наведени 213 вида од типовите Ascomycota и Basidiomycota. Видовите се категоризирани според меѓународни критериуми, при што во категоријата критично загрозени има 21 вид, загрозени– 30 вида, ранливи – 71 вид, близу засегнати 40 вида, најмалку загрижувачки– 9 вида и недоволно податоци има за 42 вида.
[4] https://mia.mk/shto-poskoro-vkluchuva-e-na-mechkinoto-groz-e-vo-listata-na-zashtiteni-vidovi/
[5] Изјава од м-р Анела Ставревска-Панајотова, координатор на екпертскиот тим
[6] Процена на состојбата и ресурсите на мечкино грозје во Република Северна Македонија; Министерство за животна средина и просторно планирање, Јануари 2020
[7]Изјава од самостоен собирач на габи
[8] За најчесто собираните видови – како на пример модрата смрека, треба да се направи процена на локалитетите со цел да се одреди колку биомаса може да се извлече без да се наштети на популацијата. За ретките и загрозените видови, како што е мечкиното грозје, потребно е годишно следење со цел да се одлучи за статусот и да се донесуваат одлуки за политиките и да се преземат активности за заштита.
[9] Биолошката разновидност и климатските промени- Оцена на ранливост и препораки за адаптација; Достапно на: http://www.unfccc.org.mk/content/Documents/ADAPTATION/Biodiversity_final_MK%20so%20CIP.pdf
[10] Да се приклучиме кон светските напори против загубата на биолошкиот диверзитет Повеќе на: https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2015/03/Leaflet-Bioloska-raznovidnost-MK.pdf
[11] Да се приклучиме кон светските напори против загубата на биолошкиот диверзитет Повеќе на: https://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2015/03/Leaflet-Bioloska-raznovidnost-MK.pdf