Средба на Платформата за еколошка правда

Средба на Платформата за еколошка правда

Денес, во просториите на Македонската Академија на науките и уметностите беше одржана средба на Платформата за еколошка правда, каде присуствуваа претставници од Центарот за правни истражувања и анализи, ЕКО-СВЕСТ, Министерството за внатрешни работи, Милеуконтакт, Македонското здружение на млади правници, МАНУ, Академијата за судии и јавни обвинители, Државниот инспекторат за животна средина, ЗЕЛС, Македонско еколошко друштво, Фронт 21/42, Факултет за безбедност при УКЛО и Општина Гази Баба. Дополнително, во организација на Државниот инспекторат за животна средина на средбата присуствуваа и гости од Италија – Carabinieri кои се дел од Twinning проектот со Државниот инспекторат за животна средина.

Претседателот на Платформата Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи ја отвори средбата со поздравно обраќање, по што беше претставен документот за јавни политики „Учеството и улогата на Министерството за внатрешни работи при заштита на животната средина“  изготвен во рамки на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан” поддржан од ЕУ, а чиј автор е Проф. Д-р Марина Малиш Саздовска.

Професорката Малиш Саздовска накратко се осврна на функционирањето на МВР, потребата од одделение за гонење еколошки криминал и  важноста на санкционирањето на еколошките кривични дела, дополнително се разговараше и за измените кои треба да се извршат во Казнениот законик во делот кој се однесува на животната средина. 

Со кратка презентација се претставија и Carabinieri-те кои ја прикажаа оганизацијата на МВР во Република Италија и нивната специјализација, која претставува чекор напред во борбата со еколошкиот криминал.

Во вториот дел на средбата, Искра Стојковска претставник од Фронт 21/42 имаше темелно излагање за проблемите и последиците кои може да настанат со евентуалното донесување на предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата (закони кои моментално се во Собраниска процедура). Членовите на платформата и организациите/институциите кои ја поддржуваат, а беа присутни на средбата изразија сериозна загриженост за евентуалното донесување на овие закони, кои сериозно ги прекршуваат меѓународните стандарди и се во спротивност со член 118 од Уставот на Република Северна Македонија.