Новинарска сторија: Инвазијата на Путин, енергетска (не)сигурност и (не)правда, климатска криза и решенија

Новинарска сторија: Инвазијата на Путин, енергетска (не)сигурност и (не)правда, климатска криза и решенија

Инвазијата на Русија врз Украина во последните два месеци обелодени многу од општествените проблеми на Западот. Сведоци сме на раселувањето на милиони, убивањето на илјадници, огромна економска штета, инфлација, очекувана рецесија и расистичко медиумско известување во однос на бегалската криза како резултат на војната. Иако империјалистички војни и окупации се водат на различни страни од светот со децении (Авганистан, Јемен, Палестина…), пустошењето на Украина од страна на Путин е ставено под медиумска лупа. Историските извештаи на Меѓувладиниот панел за климатски промени за состојбата со климата и кон што треба светот да се насочи за да ги спречи најекстремните климатски сценарија потонаа во лавината на (оправдани) известувања од Украина. Како ова да не е доволно, санкциите кон Русија, а со тоа и новонастанатата ситуација со рускиот фосилен гас влијае на целиот регион, континент и пошироко. 

Климатската криза и научните предупредувања

Екстракцијата и горењето на фосилни горива е најголемиот предизвикувач на климатската криза, а нивната дистрибуција и употреба значајно придонесуваат и до уништување на бројни заедници и екосистеми. Последниот, 6-ти извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC/ИПЦЦ) е најновото предупредување од научната фела ширум светот: рапидно намалување на користењето на фосилните горива (вклучувајќи го и гасот) до 2030-та или климатски колапс. Дури и Меѓународната агенција за енергетика (IEA/ИЕА), светското енергетско тело историски склоно кон поддршка на фосилната индустрија, при објавување на клучен извештај минатата година се огласи: „Доколку светот сака да достигне нето нула до 2050-та година, немаме простор за развивање на нови проекти на нафта, гас или јаглен.“

При објавувањето на последниот извештај на ИПЦЦ, генералниот секретар на Организацијата на обединетите нации (ООН), Антонио Гутереш, на својот твитер профил објави

„Климатските активисти понекогаш се прикажуваат како опасни радикали. Но, вистинските опасни радикали се земјите коишто го зголемуваат производството на фосилни горива. Инвестирањето во нова инфраструктура за фосилни горива е морално и економско лудило.

Покрај гласните предупредувања за стопирање на било какви фосилни проекти, овој 6-ти извештај на ИПЦЦ е многу значаен и во однос на признавањето на улогата на колонијализмот како историски и континуиран предизвикувач на климатската криза. Ова се должи на тоа што при анализата на литературата во сферата на климатските промени при подготвување на ИПЦЦ извештајот оваа година има поголемо вклучување на повеќе перспективи: научни трудови изготвени од научнички и научници од општествените науки, обоени автор(к)и и научници, како и научници и научнички кои доаѓаат од домородни заедници. Вклучените истражувања од овие групи на научнички/ци кои во минатото не биле многу земани во предвид ни дава пореална слика за поврзаноста на климатската криза сo општествено-економските проблеми насекаде, како и со екстракцијата на ресурси од колониите на Западните земји и ‘напредокот’ и ‘развојот’ на Западните земји преку континуирано осиромашување и опустување на колониите. Вклучувањето на ваквите истражувања во анализата за ИПЦЦ укажува на почеток на промена на дискурсот во претставување на науката околу климатската криза. Освен пореални, признавањето на влијанието на колонијализмот и империјализмот во предизвикувањето на климатскиот колапс ги прави овие клучни ИПЦЦ извештаи општествено поодговорни и дава пореални и поправедни решенија за како да ги избегнеме најекстремните климатски катастрофи.

Уште еден историски момент во овој извештај на ИПЦЦ е вклучувањето на дискусии околу одраст – политичката, економската и општествената теорија и критика кон економскиот раст, парадигма на која е основан моменталниот општествено-економски систем во распаѓање – капитализмот. Општествениот научник Тимотеј Парик ги издвојува овие дискусии и поглавја од ИПЦЦ извештајот каде одрастот е разгледуван како: 

  • алтернативен концепт за одржливост со конкретен фокус на благосостојбата на луѓето и екосистемите;
  • сценарио за моделирање на траекториите за намалување на емисиите на стакленички гасови;
  • поим во контекст на потенцијални сценарија на побарувачка, услуги и социјални аспекти на намалување на емисиите на стакленичките гасови, а со тоа и ублажување на климатската криза;
  • поим во однос на забрзување на транзицијата во контекст на одржлив развој.

Обврски на земјите потписнички на Парискиот договор: Национално утврдени придонеси 

Национално утврдени придонеси (NDC/НДЦ) се сет од акции и политики која секоја земја потписничка на Договорот од Париз теба да ги припреми, поднесе до Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC/УНФЦЦЦ) и имплементира пред 2030-та година. Целта на националните придонеси е заедничко лимитирање на глобалното затоплување под 1,5 степен Целзиусов над прединдустриското ниво (нивото на глобално затоплување во 1990-та година). Според моменталните НДЦ ветувања на земјите страни на УНФЦЦЦ, во моментот сме на пат од затоплување од 2,1 до 3,5 степени Целзиусови до 2100-та (види Илустрација 1 и Илустрација 2), кој е веќе катастрофален за огромен број на луѓе, заедници и екосистеми. 

Илустрација 1 покажува ажурирана споредба на глобалните емисии според сценаријата оценети во Специјалниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени за глобалното затоплување од 1,5°C со вкупни глобалните емисии според национално утврдените придонеси (извор: Nationally determined contribution synthesis report).

Илустрација 2: Моментална траекторија со вкупни национални придонеси (црвена линија), ИПЦЦ моделирана траекторија за останување под 2°C (портокалова), ИПЦЦ моделирана траекторија за останување под 1,5°C (сина) (извор: COP26 Briefing paper:

Updated warming projections for NDCs, long-term targets and the methane pledge. Making sense of 1.8°C, 1.9°C and 2.7°C.)

Мора да земеме во предвид дека НДЦ ветувањата на секоја од земјите иако јавно споделени, се правно необврзувачки, што значи разликата помеѓу ветувањата, нивната трансформација во закони, имплементација и климатска акција на национално ниво, е реално многу поголема.

Во срцето на глобалната климатска акција во координација на УНФЦЦЦ е принципот на „заеднички, но диференцирани одговорности и соодветни способности“. Тоа значи дека развиените земји, за разлика од земјите на чиј грб првите се имаат развиено, имаат одговорност да направат многу поголеми и порадикални чекори кон трансформирање на своите економии за намалување и ублажување на нивното влијание на климатскиот колапс. Но, како што може да претпоставите, реалноста е поразлична. Имено, стотици граѓански организации од цел свет се потписници на истражувањето Civil Society Equity Review од ноември 2021-ва година – преглед на нивото на рамноправност во уделот за ублажување на климатската криза од страна на земјите потписнички на Парискиот договор, анализирајќи ги поднесените национални придонеси.

Во Civil Society Equity Review здружените организации пишуваат: 

„Фосилните горива се во срцето на водењето на денешните војни, инфлацијата, пандемијата и климатската и еколошката криза; Прегледот на граѓанското општество за рамноправност [во уделот за ублажување на климатската криза] се залага за постепено исфрлање [на користењето на фосилни горива] како клучен дел од секоја соодветна акција за мирно намалување на производството и потрошувачката.“

Според резултатите од спроведеното истражување на НДЦ поднесоците на 13 клучни земји, здруженото граѓанско општество (види Илустрација 3) увидува дека: 

„Додека придонесот кон глобалните напори за ублажување на климатската криза од страна на најбогатите земји останува многу понизок од придонесот кој е правично очекуван од нив, придонесот на помалку богатите земји, нивните ветувања за акции и политики за ублажување на климатскиот колапс достигнува приближно точно, или и повеќе од нивните правични удели (fair share).“ 

Илустрација 3: Споредба на правичните удели за ублажување (зелена лента) и ветувањата за НДЦ (црвени линии). За референца, прикажани се и проектираните нивоа на емисии за 2030 година (бело-сива лента) како индикативна илустрација за нивото на удел потребен за целосна декарбонизација (сите бројки во тони CO2eq по глава на жител на ублажување под базична линија во 2030-та година) (извор: Civil Society Equity Review, 2021).

Правна и стратешка рамка за енергија и клима во Република Северна Македонија

Енергетика

Додека светската научна фела и ООН предупредуваат за новите инвестиции во фосилни горива и ги нарекуваат „морално и економско лудило“, врвот на нашата држава се фали со инвестиции во нова гасна инфраструктура. Иако сме земја со околу 300 сончеви денови во годината и огромен соларен и ветерен потенцијал за децентрализирано производство на енергија од обновливи извори, Македонија ја пречека енергетската криза целосно неподготвена и енергетската криза само се продлабочи.

Секторот енергетика во државата е планиран со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040-та година, а регулиран преку бројните закониподзаконски акти и правилнициВо опширна анализа на македонскиот електроенергетски систем, доц. д-р Ѓорѓиоска и Андоновски пишуваат: 

„Факторите кои ја детерминираат денешната криза во електроенергетскиот сектор на Македонија не датираат од вчера, туку се провлекуваат веќе триесетина години, всушност од нејзиното осамостојување како држава. Генерално, би можеле да се набројат многу причини за денешната состојба, но, сублимирано, сите тие би можеле да се заокружат во рамките на онаа eдноставна синтагма – недомаќинско стопанисување. Уште од времето на социјалистичка Југославија во овој сектор не е направена ниту една инвестиција која суштински би влијаела на количеството на вкупнопроизведената електрична енергија.

Енергетски микс

Миксот од примарните енергетски горива со кои располага државата се состои во главно од фосилни горива, хидро, цврсти биогорива и обновливи извори на енергија (ОИЕ) (Илустрација 4).

Илустрација 4: Микс на примарни енергетски горива во Северна Македонија во 2019-та година (во ktoe)Статус – 1-ви ноември 2021; извор: EUROSTAT; преземено од: Energy Community, Primary fuel mix of North Macedonia in 2019 (in ktoe)

Руската окупација на Украина, енергетската несигурност и зависноста од фосилен гас

Но, потрошувачката е речиси три пати повисока (Илустрација 5) од производството и од она што државата може да си го дозволи. 

Илустрација 5: Бруто внатрешна потрошувачка на Северна Македонија во 2019-та година (во ktoe). Статус – април 2019; извор: EUROSTAT; преземено од: Energy Community, Gross inland consumption of North Macedonia in 2019 (in ktoe)

Наместо национализирање и децентрализирање на енергетскиот систем во интерес на граѓаните и климата, недомаќинското управување во секторот енергетика во државата во последните три децении, како и игнорирањето на бројните предупредувања на индивидуални експерти, искривените приоритети и неподелениот фокус од локалните избори на владата и партиите направи енергетската криза која ја погоди Македонија почнувајќи од јуни минатата година да биде поразителна за многу граѓани и мали бизниси. Во истражувањето Како европската престолнина на сонцето стана зависна за леб и струја на Истражувачката репортерска лабораторија, тие пишуваат:

„Освен проблемите со производство на електрична енергија и неможноста да се влијае на цените на нафтените деривати, реален проблем е и цената на гасот, но и сигурноста на снабдувањето со овој енергенс. Во моментов Македонија е поврзана само со еден главен гасовод. Целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Енергетската инфраструктура во секторот за природен гас ја сочинуваат само преносна мрежа и три дистрибутивни мрежи. Нема складишта за природен гас.“

Министерството за економија под чие управување спаѓа Секторот за енергетика, убедува дека одлуките на Путин во однос на рускиот гас нема да имаат (големо) влијание врз нашето снабдување со гас. Но, гледаме дека Бугарија, преку чиј конектор Македонија го добива фосилниот гас кој го користи, веќе има План Б. Потенцијалното, а веќе и инфраструктурно поддржано поврзување со „алтернативен“ гасовод е поврзувањето со Источно медитеранскиот гасовод кој, како и секој друг гасовод, е причина за огромен број на раселувања на заедници, уништување на екосистеми, неправди и конфликти во Блискиот исток и јужна Европа.

При состојби на криза, секогаш први и најмногу страдаат заедниците и граѓаните кои се веќе повеќе погодени од испреплетените околности на неправедниот систем. Вртоглаво високите сметки, се’ поскапите основни (прехрамбени и други) производи, неможноста за достоинствено греење и ладење на домаќинствата, затворањето на многу мали бизниси, се само почеток на се’ она што следува како влијание брз македонскиот стандард и економија од окупацијата на Русија врз Украина и санкциите кон Русија. Како што Наоми Клајн пишува во својата монументална книга Шок доктрина, владите и корпорациите ги користат сите моменти на криза за да избуткаат решенија кои наместо во интерес на 90+% од граѓаните, би ги унапредиле интересите на мала елита на капиталисти. Во случајот со моменталната воена криза во Европа, интересите на фосилната индустрија се приоритизирани; нови гасоводи и конектори се градат и покрај очајната потреба за драстично намалување на користењето на фосилни горива за ублажување на влијанието на климатскиот колапс. Во регионот, наместо инсистирање на рапидно преминување кон ОИЕ, иницијативата Југоисточен европски гас на Енергетската заедница под превезот на сигурност во снабдувањето со гас ја зацврстува позицијата на гасната фосилна индустрија.  

И покрај репутацијата на „климатски лидер“ која Европската унија сака да ја негува, Европскиот парламент годинава ја усвои 5-тата листа на проекти од заеднички интерес (PCI листа) која содржи околу 30 гасни проекти кои ќе имаат пристап до јавни средства. Десетина европски финансиски институции и директно ја финансираат Руската фосилна индустрија, со што фасилитираат продолжување на воените активности на Путин. 

Јасно е како ден дека владите низ Европа и светот дури и да ја имаат волјата за ублажување и намалување на климатската криза, справувањето со последиците од Руската инвазија на Украина: економската криза, воените закани и континуираната бегалска криза, им овозможуваат замижување пред најголемиот проблем со кој се соочуваат човештвото и сите живи организми денес – климатскиот колапс. 

Обновливи извори на енергија

Ситуацијата не е многу поинаква кај нас. Наместо зголемување, во последните три години (2017-2019) сме сведоци на опаѓање на уделот на ОИЕ во енергетскиот микс на државата (Илустрација 6).

Илустрација 6: Удел на енергија од обновливи извори по година. Извор: EUROSTAT, преземено од Energy Community: Shares of Energy from Renewable Sources 

Најголемиот дел од уделот на ОИЕ во државниот енергетски микс доаѓа од големите хидроцентрали (Илустрација 7). Поразително е тоа што хидроенергијата се уште се смета за ‘обновлив извор на енергија’ иако негативните последици од истата се многу добро познати и класификацијата на хидроенергијата како обновлива е многу застарена.

Илустрација 7: Вкупни капацитети на обновлива енергија во 2019, 2018, 2017 година (MW). Статус – 1-ви ноември 2020-та. Извор: Министерство за економија, преземено од Energy Community: Total capacities of renewable energy 2019, 2018, 2017 (MW) 

Но, вистинските обновливи извори на енергија имаат огромен потенцијал и улога во транзицијата кон одржлива енергија. Неодамна, Европската банка за обнова и развој, Инвестициската рамка за Западен Балкан и билатерални донатори ја финансираа првата државна соларна централа од 10MW во Македонија, поставена на местото на ТЕЦ Осломеј. Поранешниот бизнис државен врв составен од дуото Анѓушев-Заев исто така го има увидено потенцијалот на ОИЕ и го искористи своето време во највисоките управувачки структури за подготовка на Стратегијата за енергетски развој до 2040-та и транспонирање на законите во сферата според своите интереси. Па така, семејствата Заеви и Анѓушеви се дефинитивни приватни играчи во секторот енергетика во државата со можности за профит креирани во времето на држење на највисоките одлучувачки функции.

Клима

Климатските ризици кои Македонија почнува да ги чувствува се бројни: од долги топлотни бранови, до продолжени сушни периоди, до намалување на врнежите во текот на целата година; секој сектор на функционирање во државата почнува да биде под се’ поголемо влијание од климатската криза.

Минатата година Македонија го поднесе Ревидираниот национален утврден придонес кон Договорот од Париз до УНФЦЦЦ и го утврди Патоказот за имплементација на ревидираниот придонес за следните 10 години. Долгорочната стратегија и законот за климатска акција се веќе неколку години во подготовка, и Стратегијата е на пат да биде усвоена (за законот ќе почекаме уште малку). Но, реалноста е дека и покрај трудот на многу индивидуи во сферата со години, ентитетите кои се интегрални во иницирањето на потребната радикална климатска акција како Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за економија и Македонската академија на науки и уметности, се многу често неусогласени во спроведување на нивните најосновни функции, и се далеку планирање на климатска акција преку радикална промена на македонското општествено-економско функционирање.

За справување со климатската и енергетската криза неопходни се системски решенија

Но, нема време и простор за правдање и очајување; секој интервал намален од Целзиусовиот степен на глобално затоплување е екстремно важен. Акцискиот план за имплементација на Зелената агенда за Западен Балкан од Европската комисија е инкрементален, недоволно истражен и во главно проблематичен чекор кон транзиција кон ОИЕ на регионот, неконсултиран со експерти, организации и грасрутс заедници кои со години работат на трансформација на нашето општество во поодржливо, како на пример здружените иницијативи во Коалицијата на иднината и за Балканскиот Зелен договор. 

Чекорите кои мора да ги преземаме треба да бидат системски и радикални. Антропологот и еколошки економист Џејсон Хикел споделува 5 цврсти предлози кои би биле направени доколу ‘вистински ја третираме климатската криза како итност:

  • Целосно национализирање на енергетските компании, намалување на производството (на луксузи) и контролирање на цената на енергијата;
  • Воведување на ‘социјална гаранција’ како на пример универзален доход, квалитетно и достапно здравство, школување и домување, чист и јавен превоз, чиста вода, енергија и достапен интернет;
  • Воведување на данок на богатство кој ќе го собере и распореди богатството на екстремно богатите и ќе ја намали нивната можност за бескрајно користење на ресурсите од кои треба да живее целото човештво;
  • Масивни јавни мобилизации на луѓе од секаде за барање на овие промени;
  • Плаќање на климатски репарации од страна на развиените земји кои ја имаат колонизирано атмосферата за сопствено збогатување, притоа нанесувајќи огромни штети на веќе многу погодените од климатската криза држави и заедници од глобалниот југ.

Голем број на движења и иницијативи се предводници во креирањето на можности и мобилизација околу погоре споменатите чекори. Најновиот извештај на Stay Grounded (Останете приземјени) движењето за намалување на емисиите од авијацијата, Заедничка дестинација: Реконструирање на авијацијата за да се обезбеди безбедно слетување и да се постават патеките кон фер планета дава целосен приказ на тоа како можеме да изградиме фер иднини за сите, ослободени од стегите на капитализмот, бесконечниот раст и фосилната индустрија. Гастивистите пак, се само едно од многуте неверојатни и инспиративни движења кои имаат подготвено алатки за организирање на кампањи против гас, а за климатска и енергетска правда. На нас лично, но и колективно, останува да ги земеме алатките и да се фатиме за работа. 

Автор

Симона Гетова

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко. Симона е ко-основач на The Climate Herlad и на Kolektiv Z. Twitter: @SimonaGetova