Презентација на анализа на празнини и недостатоци во институционалната и правната рамка за животната средина

Презентација на анализа на празнини и недостатоци во институционалната и правната рамка за животната средина

Центарот за правни истражувања и анализи на 27 јануари ја промовираше Анализата на празнините и недостатоците- предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина.

Анализата беше презентирана од ЦПИА и од експертскиот тим кој ги дискутираше клучните заклучоци и воочените проблеми во областа на животната средина, заштитата на природата, управувањето со отпад, управување со водите и следење на квалитетот на амбиентниот воздух пред претставниците од надлежните институции- Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.

Академик Проф. Д-р. Владо Камбовски кој го водеше настанот истакна дека анализата ги поставува основите за мултидисциплинарниот пристап кој е предвиден во работата на Платформата за еколошка правда. Во неговото обраќање, тој потенцираше дека е потребна доктринарна измена во одредбите кои ја регулираат заштитата на животната средина имајќи предвид дека регулира области од значење за јавниот интерес.

Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА ги презентираше заклучоците од анализата на законската рамка за животната средина каде беше потенцирана потребата од целокупно ревидирање на националните цели од областа на животната средина, и воедно се потенцираа информативните системи за состојбите во животната средина, регулирање и управување со супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка и системите за инвентаризација на емисиите на стакленички гасови. Според Марјан Михајлов, експертот кој ја подготви анализата во овој дел со цел навремено да се спроведат поставените законски обврски и цели за животната средина, неопходни се дополнувања на човечкиот и техничкиот капацитет и ресурси.

Жарко Хаџи- Зафиров, правен експерт во анализата за областа на управување со отпад се осврна на потребата од редефинирање на надлежностите за управување со отпад на локално ниво и префрлување. Тој потенцираше дека локалниот сегмент во управувањето со отпад е занемарен, особено имајќи предвид дека регионалните центри за управување со отпад не се формирани од 2010 година поради недостатокот на институционална, финансиска и кадровска политика. Во поглед на стратешкото управување со отпадот од институционална и финансиска гледна точка, г. Хаџи- Зафиров истакна дека Секторот за управување со отпад во Управата за животна средина како единствен дел од Министерството за животна средина и просторно планирање е целосно маргинализиран за разлика од другите сектори.

Проф. Ана Павловска Данева се осврна на несоодветната внатрешна организација на МЖСПП која спречува ефикасно извршување на законските надлежности, особено што има недостаток од стручни и квалификувани кадри од оваа област. Ова е значајно да се има предвид при оценката на мерките и активностите на МЖСПП за следење на квалитетот на амбиентниот воздух бидејќи законот предвидува формирање на посебна внатрешна организациона единица во МЖСПП која ќе овозможи креирање на политики како и оперативна функција за нивно спроведување. Притоа, таа ја истакна Управата за животна средина која наместо орган во состав на Министерството, треба да има правен статус на засебна агенција издвоена од организационата структура на Министерството.

Од извршената анализа на Законот за води, Д-р. Елена Мујоска Трпеска истакна дека и покрај Националната стратегија за води од 2012 до 2042 година се уште не се усогласени предвидените цели и плановите за управување со речните сливови како основни стратешки документи. Поради оваа причина, таа истакна дека не се достапни податоци дали е формиран Катастарот на загадувачи на води бидејќи треба да биде составен дел од плановите за управување со речни сливови. На овој факт се надоврза и Националниот совет за води чие функционирање е ограничено со оглед на фактот дека од 2012 година не е предвиден нов состав во Советот.

За законот за заштита на природата беа истакнати предизвиците што предизвикуваат поклопување на надлежноста на трите министерства, МЖСПП, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и на Министерството за економија. Експертот за областа, г-ѓа Ана Чоловиќ Лешоска објасни дека поради неусогласеноста на законите постојат различни и спротивставени гледишта на институциите во поглед на процесот на прогласување на едно подрачје за заштитено, доделување на концесии, дозволи за лов итн. Според неа, една од главните причини за неусогласувањето и отежнатата комуникација помеѓу институциите е поради недостатокот на доволно стручен кадар во управувачките структури за заштитените подрачја.

Никола Јовановски се надоврза со претставување на заклучоците за внатрешна организација и финансирање на клучните субјекти- Министерството за животна средина и просторно планирање и Државен инспекторат за животна средина. Од анализата беше заклучено дека ефикасноста во заштитата на животната средина ќе се подобри доколку се обезбедат соодветните финансиски извори за да се реализираат планираните активности, но и да се исполнат предвидените работни места кои се нужни за функционирање на органите од областа на животната средина и пополнување на предвидените работни места во секторите за креирање и спроведување на политики. Во однос на Државниот инспекторат беше потенцирано воспоставување на меѓу-институционална соработка меѓу стручните органи во делот на животната средина, органите кои вршат инспекциски надзор и органите кои вршат истраги.

Од презентацијата на настанот произлегоа првите насоки за работа на Платформата за еколошка правда. Прв чекор претставува утврдување на хиерархија на приоритети за надминување на еколошки штети и кризи, потоа извршување на законските функции кои се должат на недостатокот на технички капацитети и финансии, а како трет стожер се истакна зајакнувањето на свеста на граѓаните и на надлежните институции за што е потребно здружување на техничките капацитети и заедничка едукација.

Анализата на празнините и недостатоците- предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина е дел од проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

Анализата на празнините и недостатоците- предизвици и можности за институционалната и правната рамка на животната средина може да ја преземете тука